Претседателот на здружението д-р Златко Кузманов е пензиониран полковник на Армијата. Роден е во 1968 година, во Кавадарци и живее со семејството во Скопје.
По завршување Средна воена школа во Сараево, БиХ и Воена академија во Белград и Сараево, стекнува работно искуство како активен офицер во Армијата, извршувајќи одговорни должности како началник за безбедност и контраразузнавање во полк и бригада и од областа на организациско-мобилизациските и персоналните работи. Во меѓувреме, како вонреден студен ги завршува и четиригодишните студи на Институтот за одбрана, Филозофски факултет во Скопје и се стекнува со звање дипломиран професор по одбрана.
Во периодот од 2002 до 2023 година, со успех извршува повеќе советнички и раководни должности во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана. Во овој период посебни работни успеси постигнува како раководител на Одделението за воено разузнавање во Воената служба за безбедност и разузнавање во МО, како раководител на Одделението за евалуација, анализа и унапредување на образованието и обуката во Секторот за образование и обука и во Секторот за човечки ресурси во МО, како раководител на Одделението за стратешко планирање и креирање политики при Кабинетот на државниот секретар во Министерството за одбрана, а последните 6 години и како раководител на Регистар за класифицирани инфорамции во ГШ на Армијата и началник на самостојно Одделение за безбедност на класифицирани информации во ГШ на Армијата.
Заради покажаните резултати во работата, одговорниот и аналитички пристап, имал чест да биде одредуван за раководител на 3 регионални работни проекти, за раководител на 7 работни групи и комисии за координација и изработка на нормативни документи од областа на безбедноста, одбраната и Армијата. Исто така, активно придонесувал во креирање на одбранбени политики, стратегии и доктрини, ангажирајќи се како член и во 9 други стручни комисии и работни групи.
Во текот на офицерската кариера посетувал и успешно завршил повеќе од 70 семинари, курсеви и работилници во земјата и странство. Особено ги истакнуваме:
- Оспособувањата за работа во штабовите и командите на НАТО; повеќе обуки за разузнавање, контраразузнавање и безбедност организирани од НАТО, САД и Турција;
- Оспособувањето за разузнавачка соработка во мултинационално опкружување организирано од Falke Bernadatte Acadmy, Сунсвалд, Шведска;
- Повеќе обуки за цивилно воени релации и соработка, организирани од NORDCOPS BALCIMIC, од Министерството за одбрана на Канада и од Центарот за високи студии на Вооружените сили на Р. Италија (CASD);
- Две обуки од „Програмата за стратегиско лидерство“, организирани од Одбранбената Академија на В.Британија и „Cranfield University“;
- Повеќе месечен студиски престој во Центарот за високи студии на Вооружените сили на Р. Италија (CASD) на „ 5th International Capstone Course”;
- Повеќе семинари за „Транзиција на воено-образовниот систем во Југо-источна Европа“;
- Повеќе семинари за „Безбедност на класифицираните информации“;
- Десетина студиски патувања во Р. Хрватска во склоп на научната област „Стратегиско управување со одбраната„ организирани од Воената академија на Р.Хрватска;
- Повеќе обуки за „Креирање стратешки програми за спроведување на јавни набавки во одбраната и за изработка на технички спецификации и реферати„ организирани од Норвешкиот Центар за интегритет во одбранбениот сектор (CIDS), согласно Планот за интегритет 2021-2024 на Владата на Р.С. Македонија;
- Повеќе обуки за Разрешување на конфликти и медијаторство и други.
Успешно извршувал и должност во НАТО меѓународна воена мисија во Авганистан. За та цел во 2020 година од страна на МО бил упатен во 7-месечна НАТО меѓународна воена мисија „Одлучна подршка“, во Кабул, каде ја извршувал должноста Виш советник за логистика во Главната команда на НАТО мисијата. За неговата работа во Главната команда во Кабул, бил оценет со одлична оценка од претпоставените генерали и му биле доделени НАТО медал (NATO non-Article 5 Medal) и медал на Армијата на САД (The Meritorious Service Medal).
Особено го карактеризира желбата и истрајноста за непрекинато и наизменично воено и цивилно школување и стручно оспособување и усовршување во текот на целата професионална кариера и пренесување на знаењата и искуствата на потчинетите вработени и помлади колеги. Потребата за постојано надградување на знаењата го мотивира да се запише на постдипломски студии на Филозофскиот факултет во Скопје, Институтот за безбедност, одбрана и мир, кои ги завршува во 2010 година, со успешна одбрана на магистерскиот труд, со наслов „Влијанието на негативните ефекти од глобализацијата врз развојот на тероризмот“ и се стекнува со звање магистер по мир и развој.
Во текот на 2010 година, со успех ја завршува 4-тири месечната Воено - дипломатската школа во Загреб, а во 2012 година како круна на военото школување, ја завршува и Генералската – Ратна школа „Бан Јосип Јелачиќ“, исто така во Загреб, Република Хрватска.
Поривот и желбата за понатамошна научно - истражувачка работа и цивилна наобразба го мотивира во 2012 година, да запише и докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Филозофски факултет - Скопје, Институт за безбедност, одбрана и мир. Докторската дисертација со наслов:„Обука и усовршување на воениот и цивилниот персонал во системот за одбрана на Република Македонија.“ успешно ја одбранува на 07.05.2015 година, со што се стекнува со научен степен доктор на одбрана и безбедност. Со оваа, кандидатот се вбројува во неколкуте генерали и полковници во МО и Армијата, кои ги имаат завршено сите нивоа на цивилно и на воено образование.
Активниот научен ангажман го заокружува со издавање на две книги/монографии. Првата е со наслов „Образованието и обуката во системот за одбрана на Република Македонија“, а втората со наслов „Глобализацијата и тероризмот“.
Долгогодишното работно искуство во системот за безбедност и одбрана, а особено во областа на безбедноста и разузнавањето, допринесе кандидатот добро да ги познава, проценува и толкува безбедносните и одбранбените состојби во нашата држава, во земјите на ЈИ Европа и безбедносно политичките состојби во НАТО алијансата. Активно учествува на домашни и меѓународни научни конференции со презентација на свои трудови. Во изминатите 7 години има објавено 12 труда во меѓународни научни списанија, а активен е со објавување и на повеќе од десетина стручни статии во домашни списанија. Во текот на работната кариера изведувал голем број на обуки и предавања со потчинетите војници, воени старешини и државни службеници. Има особени афинитети и способности за спроведување на високообразовна дејност.
Кандидатот покрај ангажираноста на професионален и научен план, има богата и активна општествена активност. Десетина години е вклучен во проектите за развој на основното и средното образование во локалната самоуправа, има иницирано и учествувано во повеќе проекти за безбедност и заштита на граѓаните во местото на живеење. Кандидатот бил претставник на Министерството за одбрана во Републичката организација на резервните офицери на Р. Македонија и раководел со Комисијата за меѓународна соработка. Активен е на планот на воените спортови, односно повеќе години бил член на екипата на МО и Армијата за гаѓање со пиштол, пушка и снајпер и има освојувано повеќе награди на републички и меѓународни натпревари.
Во текот на воената кариера оценуван е со највисоки службени оценки “особено се истакнува“ и повеќе пати е наградуван и пофалуван. За сите службени и приватни успеси и постигнувања, покрај вложениот труд и знаење, најмногу им е благодарен на семејството со кое живее во Скопје.
Скопје, Декември 2023 година